
Уште едно лице осомничено за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 11
- 1 min read
Истражната постапка за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е проширена со ново лице. Основното јавно обвинителство информира дека е поведена истрага за „тешки дела против општата сигурност“.
Според обвинителството, новоосомничениот е утврден како фактички сопственик на Агенцијата за обезбедување на имот и лица. Тој, заедно со претходно осомничениот управител и овластеното лице од подружницата во Кочани, раководел со деловното работење на агенцијата. Тројцата, без да имаат формален договор со клубот „Кабаре Пулс“, во текот на 2025 година незаконски вршеле услуги на обезбедување.
Новото лице, според собраните докази, континуирано го координирало начинот на делување и организацијата на обезбедувањето. Обвинението посочува дека дејствувале спротивно на повеќе одредби од Законот за приватно обезбедување – без изготвена безбедносна проценка, без план за обезбедување, и без проверка на условите за противпожарна заштита и безбедност на објектот, особено во поглед на можноста за евакуација.
Во критичната вечер кога избувнал пожарот, обезбедувањето не извршило контрола на влезот, дозволувајќи присуство на малолетни лица, не водело сметка за пренатрупаност на објектот, ниту го спречило внесувањето и употребата на пиротехнички средства од страна на членовите на музичката група. Пожарот кој настанал поради нивна употреба предизвика трагични последици: загинаа 62 лица, 157 се здобија со тешки телесни повреди, а 54 со полесни повреди.
Comments