top of page

УХМР: Нè очекува потопло и посушно лето



Престојното лето се очекува да биде значително потопло и посушно од вообичаеното, покажуваат анализите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Според прогнозите, на целата територија на државата постои многу голема веројатност за температури кои ќе ги надминат долгогодишните просечни вредности – на места дури и за до 3°C. Најизразено зголемување на температурите се очекува во јули.


Според УХМР, и за целиот југоисточен регион на Европа се предвидува лето со натпросечни температури, додека кај врнежите има поголема несигурност во предвидувањата. Сепак, постои тенденција на подпросечни врнежи, особено во Јули кога се очекува најголемо негативно отстапување.


– Во планинските подрачја, сепак, постои веројатност за појава на засилена конвекција, што може да доведе до обилни врнежи, се наведува во соопштението на УХМР.


Од УХМР предупредуваат дека во текот на летото може да се појават периоди со исклучително високи температури и суша, но и влажни продори, кои може да предизвикаат интензивни временски промени. Се истакнува дека субсезонските варијации (промени во временски услови на краток рок) не се целосно предвидливи, поради што се препорачува редовно следење на метеоролошките извештаи и ажурирани прогнози.

Comments


bottom of page