
Од први Јуни авиолинии до уште три градови во Турција
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 2
- 2 min read
Меѓународниот Аеродром Скопје доби три нови директни линии до Турција.
Од 1 јуни, Меѓународниот Аеродром Скопје се поврза со уште три нови дестинации во Турција – Анкара, Чукурова и Дијарбакир.
Новите сезонски летови се воведени од страна на авиокомпанијата AJet, која викендов ги реализираше првите летови, соопшти аеродромскиот оператор ТАВ Македонија.
Летовите кон Анкара и Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, додека до Чукурова – двапати неделно. Сите три рути ќе бидат активни во текот на летната сезона, од 1 јуни до крајот на септември 2025 година.
– Директното поврзување на Скопје со овие три нови турски дестинации е значаен чекор што носи бројни придобивки – од олеснување на бизнис комуникацијата, трговската размена и туристичките врски, до културна, академска и дипломатска соработка помеѓу Македонија и Турција, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Особено значајно е воведувањето на линиите кон Чукурова – област што ги опфаќа Адана (голем индустриски и аграрен центар) и Мерсин (туристичка локација на медитеранското крајбрежје). Во Македонија живее значителна заедница со потекло од овие региони, што дополнително ја зајакнува важноста на новата авиоповрзаност, велат од ТАВ.
Со новите рути, AJet сега до четири дестинации од Скопје – Анкара, Чукурова, Дијарбакир и веќе постоечката линија до Истанбул (аеродром Сабиха Гокчен).
Во рамки на летната сезона 2025, вкупно четири авиокомпании воспоставиле летови меѓу Македонија и Турција, со вкупно шест турски градови и седум аеродроми:
• Turkish Airlines: Истанбул (IGA), од Скопје и Охрид
• Pegasus Airlines: Истанбул (Сабиха Гокчен), Измир, Анталија
• AJet: Истанбул (Сабиха Гокчен), Анкара, Чукурова, Дијарбакир
• Sun Express: Анталија, Измир
Новите авиолинии претставуваат важен чекор во подобрувањето на регионалната поврзаност и развојот на туризмот и економијата, оценуваат од ТАВ Македонија.
Comments