top of page

Македонија и Бугарија во трка – кој побавно ќе ја изгради пругата?



Пругата на Коридорот 8, еден од стратешки најважните транспортни правци за регионот, повторно се најде во центарот на вниманието во односите меѓу Македонија и Бугарија.


Додека Бугарија врши притисок врз Македонија да го забрза темпото на изградба на својот дел од железничката врска, реалните состојби покажуваат дека и самата Бугарија заостанува со исполнувањето на сопствените обврски.


На форум во Ќустендил, организиран од Бугарската стопанска комора, бугарските транспортни власти оценија дека Македонија не покажува доволно заложба за реализацијата на Коридорот 8. Но, истовремено, Бугарија и самата се соочува со сериозни предизвици: делницата Софија – Перник – Радомир иако е електрифицирана, сè уште не е целосно модернизирана, додека за делот Радомир – Ќустендил – Ѓуешево речиси и да нема конкретна иницијатива. Возовите таму се движат со брзина од едвај 30 км/ч – показател за лошата состојба на инфраструктурата.


„Пред да бараме од Северна Македонија да ја забрза изградбата, мораме прво да ги решиме нашите сопствени проблеми. Ако сакаме Коридорот 8 да функционира, двете земји мора да покажат подеднаква ангажираност,“ истакна Иван Стојков, бугарски транспортен експерт.


Во меѓувреме, Македонија работи на развој на железничката мрежа, иако со побавно темпо. Сепак, вниманието е насочено и кон други важни проекти. Министерството за транспорт и врски неодамна го активира проектот за изградба на брза железничка линија по Коридорот 10 – од Гевгелија до Табановце.


Според ресорниот министер, техничката документација е подготвена, а се планира финансирање од меѓународни институции. Очекувањата се дека оваа линија ќе стане клучна транспортна артерија за земјата.


„Проектот има потенцијал да донесе сериозни економски придобивки. Според проценките, само од транзитниот сообраќај би се оствариле годишни приходи меѓу 100 и 120 милиони евра,“ велат експертите.


И покрај овие напори, Коридорот 8 ќе остане недовршен се додека сите засегнати страни не преземат конкретни и координирани активности. Засега, и Македонија и Бугарија се движат бавно, заробени во меѓусебни обвинувања и отсуство на вистинска реализација.

Comments


bottom of page