Костадинов удри по Владата: „Доста беше селективна правда – законите не се само за Струмица!“
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- May 31
- 1 min read

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, жестоко реагираше на постапувањето на државните инспекторати, обвинувајќи за селективна примена на законот. Преку објава на социјалните мрежи, тој најави иницијатива до Владата, повикувајќи се на член 5 од Законот за општа управна постапка, со кој се гарантира еднаква и законска постапка за сите.
„Доста беше двојни аршини! Инспекциите не можат да се одвиваат само во Струмица, додека на други места дивоградбите се ‘невидливи’ за институциите“, порача Костадинов.
Во иницијативата која ја подготвува, тој заедно со компаниите од Струмица – не само угостителските – бара од Владата и надлежните инспекторати да постапуваат еднакво во сите општини каде што има евидентни прекршувања на законот, особено во делот на урбанизмот и градежништвото.
„Законот не е локален правилник. Или важи за сите, или не важи за никого. Нема да дозволиме Струмица да биде единствениот град под лупа, додека другите се преправаат дека нема проблем!“, категоричен е Костадинов.
Градоначалникот подвлече дека Струмица е сложна, единствена и отпорна на притисоци, и нема да молчи пред неправдата.
„Очекувам сите граѓани да застанат зад оваа иницијатива – за правда, за рамноправност и за држава во која институциите не се плашат да го спроведат законот, каде и да погледнат“, заклучи Костадинов.
Comments