
БАНКАРИТЕ РЕДАТ ПРОФИТИ, ИСТО КАКО И ЗДРАВИОТ БИЗНИС - но, зошто во првиот квартал повеќе компании отидоа во „минус“
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 1
- 3 min read
Големите банки имаат најголеми профити, но поголем раст на добивките има кај некои од помалите банкарски институции.
Банкарството е сепак најпрофитабилна дејност.
Бизнисот, пак, освен најдобростоечките и најмоќни компании на домашната сцена, не може да се пофали дека работел сосема солидно во првиот квартал од годинава.
Овие генерални заклучоци можат да се извлечат доколку се погледне кварталниот извештај за првите три месеци од годинава, за тоа какви добивки оствариле котираните компании на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Она што загрижува, е дека од вкупно 93 котирани компании, со добивки работеле 58 компании, наспроти 66 кои рабнотеле профитабилно во истиот период од минатата година.
Додека, пак, „загубари“ во првото тримесечје биле 28 домашни котирани, наспроти 22 компании кои првото тримесечје лани го завршиле со негативен финансиски резултат.

Ако лани немало друштва кои не објавиле резултати, годинава во првиот квартал тоа биле две котирани компании.
Да видиме како работеле нашите омилени банкари.
Комерцијална банка е прва според добивката за првите три месеци. Профитот изнесувал над 23 милиони евра од јануари заклучно со мај, што е раст за 20,13 отсто во однос на истиот период лани.
Стопанска банка Скопје имала чист профит од 13,55 милиони евра за првите три месеци, што е за благи 3,29 отсто помалку од истиот период лани.
Третата банка според остварен профит, а и на ниво на акционерски друштва е 11,7 милиони евра, што е раст за 6,07 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Сепак, најголем раст на добивката како процент има ТТК банка, и тоа за дури 149,3 отсто, но тој профит е помал од оној на моќните банкари и изнесува 172 илјади евра за три месеци.
Стопанска банка Битола која деновиве е во центарот на финансиската јавност откако српската Алта банка објави дека ќе им достави понуда за преземање на сите акционери нудејќи 24 милиони евра за 100 отсто од акционерскиот капитал, во првиот квартал од годинава имала чиста добивка од 362 илјади евра, што е одлично остварување, осебено ако се има предвид дека во истиот период лани банката работеше со загуба.
Одличен резултат од 8,82 милиони евра за првите три месеци од годинава има Македонски Телеком, што е само благо намалување за 1,5 отсто.
Фармацевтскиот гигант Алкалоид во првите три месеци од годинава остварил одлична нето добивка од 8 милиони евра, а во однос на истиот период лани тоа е зголемување за 2,54 проценти.
Одлична добивка во првите три месеци оствари и „Макстил“, од 4,1 милиони евра, што е раст за фасцинантни 166 проценти, а што се должи на прокнижувањето на солидарниот данок кој треба да им го врати државата по одлуката на Уставен суд.
УСЈЕ се прилично профитабилни со 2,6 милиони евра во првиот квартал од годинава, но тоа е намалување за 47 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Нафтениот гигант Макпетрол во првите три месеци има добивка од 2,1 милиони евра, што е благо намалување за 7 отсто.
ОКТА, пак, профитирала со 1,56 милиони евра, што е одлично зголемување за 42,49 отсто.
Пекабеско има одлична добивка од 1,1 милиони евра, што е повеќе од солиден раст за 15,3 отсто, а фармацевтската компанија Реплек може да биде и повеќе од задоволна, бидејќи нејзиниот профит кој достигнал 920 илјади евра за три месеци, има огромен пораст од над 147 проценти.
Загуба од 2,6 милиони евра има Тутунски комбинат Прилеп, а минус повторно има и Либерти, и таа е 2,4 милиони евра, но барем е помала во однос на истиот период лани.
Прилепска пиварница имала негативен резултат од 160 илјади евра, а и Мермерен комбинат од Прилеп прикажал минус, од 54 илјади евра, додека во истиот перипод лани имал добивка од над 3 милиони евра.
Извор: faktor.mk
Comments