
Лавров и Рубио разговараа за Украина во пресрет на новата рунда мировни преговори
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 2
- 2 min read
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Марко Рубио, вчера разговараа телефонски за актуелната состојба во Украина, како и за претстојната рунда мировни преговори која ќе се одржи денеска во Истанбул.
Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, двајцата дипломати размениле ставови за развојот на конфликтот, со посебен фокус на неодамнешните напади со експлозивни направи врз железничката инфраструктура во руските региони Брјанск и Курск. Рубио, како што се наведува, изразил сочувство за жртвите од нападите, а руската страна истакна дека истрагата е во тек и дека одговорните ќе бидат пронајдени и изведени пред правдата.
Во инцидентот во Брјанскиот регион, седум лица загинаа, а 71 се повредени, кога експлозија предизвикала уривање на автопатски мост врз патнички воз.
Разговорот се одржа во пресрет на втората рунда директни преговори меѓу Киев и Москва, во време на интензивирани напади, додека Кремљ и понатаму ги отфрла повиците за безусловен прекин на огнот.
Како што пренесува руското МНР, Лавров и Рубио дискутирале за повеќе иницијативи за надминување на украинската криза, вклучувајќи ги и плановите за продолжување на директните преговори на 2 јуни во Истанбул.
Стејт департментот потврди дека разговорот бил инициран на барање на Русија, а Рубио во него ја реафирмирал поддршката од американскиот претседател Доналд Трамп за продолжување на директниот дијалог со цел постигнување „траен и одржлив мир“.
На последната средба, одржана на 16 мај — која беше првиот директен дипломатски контакт од почетокот на војната — не беше постигнат напредок во однос на прекин на огнот. Русија тогаш повторно ги изнесе своите барања, вклучително и повлекување на украинските сили од четири области кои сè уште не ги контролира целосно.
И покрај неуспешниот исход на тие разговори, двете страни се согласија на размена од по 1.000 воени заробеници. Москва најави дека по размената ќе ги соопшти своите мировни услови, но досега тоа не е сторено.
Comments