top of page

Кој е Карол Навроцки – новиот претседател на Полска?

Кој е Карол Навроцки – новиот претседател на Полска?

Историчар со спорно минато, поранешен боксер и симпатизер на MAGA движењето


Во вториот круг од претседателските избори, Полјаците избраа нов шеф на државата – 42-годишниот Карол Навроцки, историчар, актуелен претседател на Институтот за народно сеќавање, поранешен боксер и личност со хулиганско минато. Политички, Навроцки отворено се инспирира од американскиот поранешен претседател Доналд Трамп и движењето MAGA („Make America Great Again“).


Според официјалните резултати на Државната изборна комисија, кандидатот на десно-популистичката партија „Право и правда“ освои 50,89% од гласовите, додека неговиот противкандидат, либералниот и проевропски градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, доби 49,11%. Излезноста на изборите достигна 71,6%, а Навроцки победи со околу 370.000 гласови повеќе од својот ривал.


Претседателот во заминување, Анджеј Дуда, му честиташе на Навроцки преку платформата X (поранешен Twitter), изразувајќи благодарност до граѓаните што ја презеле одговорноста за иднината на земјата.

Изборниот резултат дојде по неизвесна кампања, при што анкетите не можеа со сигурност да го предвидат победникот – првичната излезна анкета на агенцијата „Ипсос“ дури му даде минимална предност од 0,6% на Тржасковски.


Во своето прво обраќање до поддржувачите, Навроцки изјави:

„Нема да дозволиме продолжување на монополот на моќта на премиерот Доналд Туск, кој ни ги одзема соништата. Верувам дека утре сите ќе се разбудиме со нов претседател – Карол Навроцки.“

Навроцки доби отворена поддршка од некои претставници на американската администрација, а неговата блискост со поранешниот претседател Доналд Трамп беше истакната и преку фотографија од нивната средба во Овалната соба за време на кампањата.


Неговата победа ја отслика поделеноста во полското општество. Дел од гласовите за Навроцки беа резултат на протестното расположение кон традиционалните политички елити. Во првиот круг силен резултат постигна и крајната десница, вклучувајќи ја Партијата на Конфедерацијата и антисемитски настроениот политичар Гжегож Браун, кој освои 6,3% од гласовите.


Аналитичарите предупредуваат дека Навроцки е личност со сомнително минато. Учесник во улични тепачки во младоста, обвинуван за злоупотреба при купување општински стан во Гдањск, а во младоста работел и како обезбедување во луксузен хотел.


Неговото претседателство веројатно ќе биде пречка за демократските реформи што ги зацрта премиерот Доналд Туск, особено во делот на деполитизација на правосудството и медиумите. Опозицијата стравува дека со Навроцки на чело на државата, обидите за повторна интеграција на Полска во сржта на Европската Унија ќе бидат сериозно ослабени.

Како претседател на Институтот за народно сеќавање, Навроцки беше клучна фигура во спроведувањето на таканаречената „патриотска“ историска политика на лидерот на „Право и правда“, Јарослав Качински. Во 2018 година, како директор на Музејот на Втората светска војна во Гдањск, тој предизвика контроверзии со цензурирање на делови од изложбата – вклучително и бришење на податоците за отпорот во Југославија, кои укажуваа на неговата масовност и значајност.


Неговата победа го разгоре апелот на популистите од „Право и правда“, кои уште во текот на изборната ноќ побараа оставка од владата на Туск и распишување предвремени парламентарни избори.


Сѐ уште не е познато како ќе реагира премиерот Туск, но јасно е дека победата на Навроцки претставува сериозен предизвик за демократската агенда на сегашната власт – и можен пресврт во односите на Полска со Европската Унија.

Comments


bottom of page