top of page

ЕУ воведува нов сет мерки за подобра заштита на патниците во авиосообраќајот



Земјите членки на Европската унија постигнаа политички договор за ревизија на прописите што ги уредуваат правата на патниците во авио-транспортот и одговорностите на авио-компаниите, јавува дописникот на МИА од Брисел.


Според соопштението од Советот на ЕУ, новите измени имаат за цел да воведат поедноставени и појасни правила, со кои ќе се обезбеди подобра рамнотежа помеѓу високото ниво на заштита на патниците и правичните услови за работа на авио-секторот во Унијата.


Полскиот министер за инфраструктура, Дариуш Климчак, чиишто земја претседава со Советот на ЕУ, изјави дека ревидираните правила ќе донесат над 30 нови права за патниците.


– Новите мерки ќе важат од моментот на купување на билетот, па сè до пристигнувањето на крајната дестинација, а во некои случаи и подоцна – истакна Климчак, нарекувајќи го договорот „историска пресвртница“, имајќи предвид дека последните 12 години не постоеше консензус меѓу земјите членки за промена на овие правила.


Една од клучните новини е воведувањето на т.н. „право на пренасочување“. Тоа обврзува авио-компаниите во случај на откажување на лет да обезбедат алтернативен превоз за патниците во рок од три часа – било преку други компании или друг вид на транспорт. Доколку ова не биде исполнето, патниците ќе имаат право сами да организираат замена и да бараат надомест до 400% од цената на новиот билет.


Дополнително, авиокомпаниите ќе бидат законски обврзани да обезбедат помош – како освежување, храна или сместување – за патниците во случај на доцнење на лет подолго од три часа.

Comments


bottom of page