top of page

Ги одвраќаат туристите: Хрватска стана неподносливо скапа



Бројот на туристи кои ја посетуваат Хрватска значително опаднал, што претставува сериозен предизвик за тамошниот туристички сектор, пишува британскиот таблоид Express. Според весникот, Хрватска со години била омилена дестинација за туристи од Германија, Австрија, Чешка и Италија, главно поради пониските цени во споредба со другите европски земји.


– Во последните три години, цените во хрватскиот туризам пораснале за дури 50 отсто. Тој ценовен скок ја направи Хрватска поскапа од нејзините главни конкуренти – Шпанија и Грција, каде што поскапувањето било во рамки од 15 до 20 проценти – наведува Express.


Весникот предупредува дека ваквото зголемување на цените сериозно го нарушува имиџот на Хрватска како пристапна дестинација. Како главна причина за растот на цените се посочуваат повисоките оперативни трошоци во угостителскиот сектор.


Сепак, хрватскиот портал Index.hr забележува дека не е јасно од каде Express ги добил податоците што ги цитира, бидејќи, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на туристи во април 2025 година бил поголем отколку истиот месец лани.


И покрај тоа, британскиот таблоид пишува дека забележан е пад на бројот на ноќевања, како и на туристичката потрошувачка. За време на шпицот на минатата летна сезона, приходите од странски туризам во Хрватска се намалиле за 0,7 отсто во споредба со истиот период претходната година.


Express се повикува и на коментари од туристи објавени на платформи како Tripadvisor. Еден Норвежанец, разочаран од својот одмор, напишал:


– Сè е многу поскапо отколку порано. Цените се буквално дуплирани или тројно зголемени за само две години. Лежалка чини 25 до 30 евра! Хрватска ни беше омилена дестинација, но сега, за жал, стана прескапа.


Високите цени во туристичките и угостителските објекти беа тема на интерес и минатата година, како во странските, така и во хрватските медиуми. Многу Хрвати кои немаат сопствен имот на јадранското крајбрежје изјавуваат дека би летувале во Грција каде што е поевтино, а дел дури велат дека годинава ќе се откажат од одмор бидејќи немаат финансиска можност.

Comments


bottom of page