
Германија се подготвува за можен руски напад: „Обезбедете залихи за 10 дена“
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 11
- 2 min read
Германија изработува планови за брзо проширување на мрежата на отпорни засолништа и бункери, предупредувајќи дека земјата мора да биде подготвена за можен руски напад во наредните четири години. Ова го изјави Ралф Тислер, директор на Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (BBK), за германскиот весник „Зиддојче Цајтунг“.
Според Тислер, Германија како најголема економија во Европа, сè уште не е доволно подготвена за евентуален воен конфликт.
– Долги години постоеше уверување дека војната не е реална закана за која треба да се подготвуваме. Тоа повеќе не важи. Денес гледаме сериозен ризик од голема агресивна војна во Европа – истакна тој.
Тислер повика на заеднички национален напор за идентификација и адаптација на постоечки структури – тунели, метро станици, подземни гаражи, паркинзи и подруми на јавни згради – во заштитни засолништа со капацитет да прифатат најмалку еден милион луѓе. Според него, изградбата на нови бункери би била прескапа и предолготрајна, па фокусот треба да биде на искористување на постојните објекти. Сеопфатен план се очекува да биде презентиран летово.
Руската инвазија на Украина ја зголеми загриженоста во Германија, Полска и балтичките држави за можна проширена воена закана во регионот.
Од околу 2.000 бункери од времето на Студената војна, денес во Германија само 580 се оперативни и можат да прифатат околу 480.000 лица – што претставува само 0,5% од населението. За споредба, Финска располага со 50.000 заштитни простории со капацитет за 4,8 милиони луѓе, што покрива 85% од нејзиното население.
Тислер ја нагласи потребата од модернизација на системите за тревога, унапредување на дигиталните апликации за информирање, заштита од кибер-напади и зголемување на државното финансирање. Потребите за цивилна заштита се проценуваат на 10 милијарди евра во следните четири години, а до 30 милијарди евра во следната деценија.
Како дел од мерките за самозаштита, Тислер апелираше до граѓаните да создадат домашни резерви – храна, вода и основни потреби – за најмалку 10 дена, или барем за 72 часа, за да можат да се справат со евентуални прекини во струја, вода или снабдување.
– Дури и во случаи на помали прекини, ваквите залихи можат значително да помогнат – додаде тој.
Comments