top of page

Во домот на напаѓачот од Грац пронајдено проштално писмо и нефункционална бомба



Во домот на напаѓачот кој вчера изврши масовно убиство во поранешното училиште во Грац, истражните органи пронашле проштално писмо и нефункционална цевна бомба, соопшти денеска локалната полиција.


Нападот, во кој загинаа десет лица, а потоа напаѓачот изврши самоубиство, се смета за најсмртоносниот инцидент во Австрија по Втората светска војна. На жртвите денеска им беше оддадена почит со едноминутно молчење низ целата земја.


Според официјалните информации, напаѓачот бил 21-годишен маж од околината на Грац и поранешен ученик во истата гимназија, која не ја завршил. Во нападот користел две легално поседувани огнени оружја – пушка и пиштол.


Полицијата потврди дека во неговиот дом е пронајдено писмо адресирано до неговите родители, но содржината не дала јасни индиции за мотивите зад нападот.


Директорот за јавна безбедност при австриското Министерство за внатрешни работи, Франц Руф, во изјава за телевизијата „ОРФ“ посочи дека сè уште не е утврдено дали жртвите биле избрани намерно или случајно. Тој додаде дека повредените биле пронајдени на различни локации во училиштето, вклучувајќи и едно лице пред зградата.

Comments


bottom of page