
Ценовен удар на Кејот: Домашните туристи револтирани, странците задоволни
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 19
- 2 min read
Туристичката сезона во Охрид веќе ги диктира условите на пазарот, а цените во кафулињата и рестораните покрај езерото достигнуваат рекордни височини.
„Не е исто да пиете кафе во центарот на Скопје и да бидете со нозете во вода, со поглед кон Галичица. Тоа е уникатно доживување, кое се плаќа“, објаснува угостител кој со години го управува едно од популарните кафулиња на Кејот.
Тој додава дека цената не се одредува само според пијалакот, туку и според амбиентот, музиката во живо и локацијата.
Сепак, не сите се согласуваат со ова објаснување. Дел од локалното население смета дека цените се значително зголемени, што го прави престојот поскап за обичните граѓани и домашните туристи.
„Минатата година кафе чинеше 120 денари, а сега 200. За две еспреса и два цедени сокови плативме речиси 1.000 денари. Па не е ни злато ни шампањ“, се жали Емилија од Скопје.
Според пресметките, просечните цени ова лето се: кафе од 150 до 250 денари, пиво од 150 до 300, а цеден сок може да достигне и над 300 денари.
Туристите од странство генерално не изразуваат незадоволство. Според угостителите, за нив овие цени се сосема прифатливи.
„Имаме гости од Холандија кои велат дека е евтино. Во Амстердам еспресото чини околу 6 евра“, вели Александар, сопственик на туристичка агенција.
Сепак, голем дел од домашните посетители, особено оние кои доаѓаат од внатрешноста на земјата за викенд, сметаат дека Охрид станува град за повисоката класа.
„Губиме ја достапноста на градот. Цените растат, а платите остануваат исти. Кафе, сок и пиво се сè повеќе како една дневница“, се жали возач од Битола кој редовно го посетува Охрид со семејството.
Од друга страна, угостителите нагласуваат дека и тие се под голем притисок.
„Кириите за локалите се многу високи, платите за келнерите достигнуваат 800 евра месечно, а трошоците за набавка и електрична енергија се удвоени. За да опстанеме, мораме да ги усогласиме цените“, објаснува сопственик на кафе-ресторан во центарот на Охрид.
Оваа динамика го поставува прашањето колку долгорочно цените ќе можат да растат без да ја изгубат локалната публика и домашните туристи, кои се важен дел од охридската економија.
Comments