top of page

Струмица се сеќава: 24 години од загинувањето на бранителите Атанас Јанев и Кољо Китанов


Со положување на свежо цвеќе и пригодна свеченост, Општина Струмица денеска ја одбележа 24-годишнината од загинувањето на бранителите Атанас Јанев и Кољо Китанов, кои трагично ги загубија своите животи во 2001 година, бранејќи ја татковината.

Комеморативниот настан се одржа пред спомен-обележјето изградено во нивна чест, каде што почит им оддадоа претставници на локалната самоуправа, граѓани, роднини и пријатели на загинатите.

Во знак на благодарност и сеќавање, пред присутните говореше Танкица Митрева, член на Советот на Општина Струмица. Таа нагласи дека времето не ги брише трагичните спомени и болката што ги носи ваквите загуби.

„Има една народна мудрост која вели: ‘Времето најдобро ги лекува раните’. Колку и да има вистина во тоа, сепак реалноста нѐ учи дека некои настани едноставно не се забораваат, без оглед на тоа колку време ќе помине,“ рече Митрева.„Загинувањето на нашите сограѓани и бранители Атанас Јанев и Кољо Китанов е една таква болка која останува жива – и ќе трае се додека постоиме ние, како и идните генерации што ќе ја учат поновата историја на Македонија. Тоа е наша должност – да се сеќаваме и да пренесуваме,“ додаде таа.

Во чест на паднатите херои, рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ изведоа револуционерна поезија, дополнително нагласувајќи ја симболиката на храброста, љубовта кон татковината и жртвата што ја направија Јанев и Китанов.

Настанот помина во достоинствена атмосфера на сеќавање и благодарност, со јасна порака дека хероите не се забораваат.

ree
ree
ree
ree

 
 
 

Comments


bottom of page