top of page

Славески: Проекциите на Народната банка најавуваат забрзан раст и стабилизирање на инфлацијата

ree

Гувернерот Трајко Славески, во интервју за порталот Пари, истакна дека најновите проекции на Народната банка укажуваат на забрзување на економскиот раст и постепено намалување на инфлацијата.

Според него, за 2025 година се очекува економијата да порасне за околу 3%, а на среден рок проекциите покажуваат стабилен раст од околу 4%. Основното макроекономско сценарио, како што посочи, предвидува солидна динамика на натамошно економско закрепнување.

„Главен двигател на растот се инвестициите, поддржани од најавениот јавен инфраструктурен циклус, приливот на странски директни инвестиции и солидната кредитна поддршка на корпоративниот сектор од страна на банките,“ вели Славески.

Тој потсети дека минатата година странските инвестиции достигнале околу 7% од БДП – едно од највисоките нивоа досега – што значително ќе влијае позитивно врз економската активност. Дополнително, забележано е зголемување на кредитирањето на компаниите, како и раст на расположливиот доход кај населението и кредитното финансирање на потрошувачката на домаќинствата.

„И оваа компонента на побарувачката ќе има позитивен придонес во растот. Извозот, пак, во услови на нешто понеповолно глобално окружување, се очекува да има скромна стапка на раст, со постепено закрепнување во следниот период,“ додаде гувернерот.

Тој напомена дека дел од најавените инфраструктурни проекти сè уште не се целосно пресметани во тековните проекции, што претставува можен нагорен ризик за растот. Дополнителен стимул на среден рок се очекува од членството во НАТО, приклучувањето кон Единствената европска платежна област (СЕПА) и новиот План на ЕУ за економски раст на Западен Балкан.

Во однос на инфлацијата, Славески нагласи дека е направена умерена ревизија на проектираната инфлација – и тоа само за тековната година – поради посилниот раст на цените во прехранбениот сектор и очекуваното движење на одредени увозни цени на глобалните берзи.

„На среден рок проекцијата останува непроменета. Се очекува инфлацијата да се стабилизира на историскиот просек од 2%. Со тоа, разликата во однос на инфлацијата во еврозоната, која веќе е значително намалена во однос на 2022 година, ќе продолжи да се стеснува,“ посочи Славески.

Тој заклучи дека Народната банка ќе продолжи да делува во насока на ценовна стабилност, во тесна координација со фискалната политика.

 
 
 

Comments


bottom of page