
Растот на продажбата на половни автомобили на петте најголеми европски пазари – аларм за производителите на нови и електрични возила
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 16
- 2 min read
Најновите податоци од релевантните европски платформи за автомобили укажуваат дека пазарот на половни возила во Европската Унија во мај 2025 година останал стабилен во споредба со претходната година.
Според податоците од специјализираната веб-страница Autovista24, во првиот квартал од оваа година бројот на продадени половни автомобили се зголемил за 0,6% во однос на истиот период во 2024, достигнувајќи околу 1,64 милиони единици. Купувачите најчесто се одлучуваат за возила со бензински и дизел мотори, додека продажбата на половни електрични возила е значително побавна, а нивната вредност бележи пад.
Според индексот на цени на AUTO1 GROUP, цените на половни автомобили во ЕУ во мај 2025 година забележале минимален пад од 0,3% во споредба со април. Меѓутоа, во споредба со мај минатата година, цените се зголемени за околу 2,6%.
Од почетокот на годината до крајот на мај, цените на половните автомобили пораснале за скоро пет проценти во однос на истиот период во 2024 година. Најголем пораст се забележува кај автомобилите од компактната класа, додека SUV моделите се задржуваат на постабилно ниво. Кај електричните возила, побарувачката е намалена, што ја ограничи и нивната ценовна експанзија.
Вредноста на возилата продолжува да паѓа
Податоците на Autovista24 за мај 2025 година покажуваат дека просечната преостаната вредност на возилата по три години употреба (и околу 60.000 километри) продолжува да опаѓа низ Европа, достигнувајќи 47,3% од почетната вредност, што претставува пад од 0,3% во однос на април.
По тип на погон, класичните хибридни возила (HEV) се најстабилни и задржуваат околу 51% од почетната вредност. Бензинските и дизел моторите задржуваат 49,2% односно 47,7%, додека електричните возила (BEVs) продолжуваат да го бележат негативниот тренд – во мај вредноста на нивните модели беше само 39,9% од почетната, што е втор месец по ред со пад.
Пазарните движења на петте најголеми европски пазари
Во првиот квартал од 2025 година, некои од најголемите европски пазари имале пад на регистрациите на нови автомобили, додека пазарот на половни автомобили бележи подобрување во сите региони.
Франција ја регистрираше најголемата стагнација кај новите автомобили со пад од 7,8%, додека продажбата на половни автомобили порасна за 2%, достигнувајќи 1,36 милиони трансакции во првиот квартал. Меѓутоа, продажбата на половни возила во Франција покажува нестабилност со падови во февруари и март.
Шпанија бележи силен раст кај новите автомобили (+14,1%), што се рефлектира и во половните возила со пораст од 8,6% во првиот квартал, со најсилен месец март (+12,7%).
Германија забележа скромен раст на продажбата на половни автомобили (+0,6%), додека пазарот на нови возила се намали за 4,3%. Продажбата на половни возила беше нестабилна, со силен јануари, пад во февруари и скромно закрепнување во март.
Италија регистрираше пораст од 4,7% во продажбата на половни автомобили, додека новите возила забележаа пад од 1,6%. Март беше најсилниот месец со раст од 5,8%.
Велика Британија беше најголемиот пазар за половни автомобили со 2,02 милиони продадени возила во првиот квартал, што е првпат од пандемијата пазарот да надмине две милиони трансакции. Продажбата бележеше бавен старт во јануари, пад во февруари, но силен раст во март (+6,9%).
Дали овие трендови треба да ги загрижат производителите на нови и електрични возила? Одговорот е едноставен – ДА.

Comments