
Пресудата за убиствата на Вања и Панче ќе биде објавена на 25 јуни – ново апсење во финишот на постапката
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 20
- 2 min read
На 25 јуни (среда) ќе биде објавена пресудата за случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, по завршните зборови на обвинетите и обвинителството во Основниот кривичен суд – Скопје.
Во финишот на судскиот процес, обвинетиот Велибор Манев откри ново име во случајот – Зоран Давитков, член на политичката партија Десна и вработен во Народната банка, кој, според него, по наредба на Љупчо Палевски требало да се ослободи од ранецот со пиштолот со кој било пукано.
„Бев згрозен од уцените, Палевски нѐ тераше да го слушаме. Дознав дека ранецот е кај Давитков кога Палевски ми се јави од турската граница и ми рече да го контактирам Зоран и да му кажам да го отстрани 'пакетот' од неговата канцеларија. Ова е последната коцка во сложувалката,“ изјави Манев, додавајќи дека жали за својата вмешаност и се покајува.
Обвинителството потврди дека Давитков е уапсен и најави дека се преземаат дополнителни истражни дејствија поврзани со неговата улога.
Одбраната на Палевски, пак, оцени дека сведочењето на Манев е „нечесен начин на завршување на постапката“, а неговиот адвокат побара ослободителна пресуда.
Во своите завршни зборови, Љупчо Палевски – Палчо за првпат директно го посочи Велибор Манев како организатор на убиствата, Боре Видевски како извршител, а Влатко Кешишев како „стражар“.
„Обвинението е без основа, нема ниеден доказ против мене. Нема мои траги во кангуто, ниту доказ дека сум бил на двете места – кај грабнувањето и убиствата. Намерата на обвинителството од 5 декември е јасна – да ме осудат по секоја цена,“ изјави Палевски.
Обвинетиот Боре Видевски не се произнесе, а Влатко Кешишев изрази каење, тврдејќи дека делувал под силен притисок од Палевски.
Во судницата, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, го повика Палевски да објасни зошто ја убил неговата ќерка.
Судската постапка, која опфати околу 40 рочишта, се однесува на едно од најтешките кривични дела во поновата историја на земјата – грозоморното двојно убиство што ја потресе јавноста во ноември 2023 година.
Обвинителството бара доживотен затвор за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, а соодветна казна за Ѓорчевски, обвинет за помагање.

Comments