
Пресуда за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски: Судот денеска ќе ја соопшти одлуката
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 25
- 2 min read
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се очекува изрекување на пресудата за случајот што ја потресе јавноста – двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. За кривичните дела се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски.
Обвинителството тврди дека обвинетите делувале како организирана група, со јасен план за киднапирање и барање откуп. Според обвинението, Панче Жежовски бил киднапиран во Велес за да биде одземено неговото возило „Ситроен“, кое подоцна било искористено за грабнувањето на Вања во Скопје. Целта, како што стои во обвинението, била да се изнуди паричен откуп од нејзиното семејство.
Обвинетите на почетокот на процесот, кој траеше помалку од една година, се изјаснија за невини. Одбраната, во завршните зборови, побара ослободителни пресуди, истакнувајќи дека доказите на обвинителството се нецелосни, паушални или изнудени.
Одбраната тврди: без вина и со многу сомнежи
Бранителот на Александар Ѓорчевски тврдеше дека обвинението против неговиот клиент е неосновано и дека како татко на Вања, тој е жртва, а не соучесник. Слична линија на одбрана имаа и адвокатите на останатите обвинети. За Манев беше побарана ослободителна пресуда за убиство, но осудителна за грабнување. Видевски и Кешишев, преку своите адвокати, исто така, побараа ослободување, тврдејќи дека признанијата биле изнудени или дека не постоел умисол за убиство.
Одбраната на Палевски, кого обвинителството го смета за организатор, презентираше нови снимки и белешки за кои тврди дека ја побиваат официјалната верзија на Обвинителството.
Обвинителството бара доживотен затвор за четворица обвинети
Основното јавно обвинителство побара максимални казни – доживотен затвор – за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев. За Александар Ѓорчевски, кој е татко на Вања, беше побарана соодветна затворска казна. Обвинителите оценија дека постои доволно докази, дека нема олеснителни околности, и дека делото оставило длабоки трауми во јавноста.
Обвинителството ги наведе индивидуалните улоги: Палевски како организатор, Манев како директен извршител, Видевски како соизвршител кој првично признал вина, Кешишев како чувар, а Ѓорчевски како лице кое не сакало да ѝ наштети на ќерката, но учествувал во киднапирањето.
Своја одбрана дадоа и обвинетите
Во своите завршни зборови, Љупчо Палевски првпат јавно посочи дека Велибор Манев бил организатор, Видевски – извршител, а Кешишев – стражар. Манев откри дека оружјето и комуникациската опрема биле сокриени од член на партијата Десна, по налог на Палевски.
Кешишев изрази жалење, но тврдеше дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата. Видевски рече дека нема што да додаде, додека Манев призна учество, но не и умисла за убиство.
Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 Ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември – Вања во близина на Скопје, а Панче кај Велес. Случајот предизвика силни реакции во јавноста и го отвори прашањето за безбедноста на децата и брзината на институционалната реакција.
Судот денеска треба да ја соопшти пресудата во овој високопрофилиран случај.

Comments