top of page

Обвинителството во завршен збор за убиството на Вања и Панче: „Овие злосторства заслужуваат не само правна, туку и длабока морална осуда“



Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржа завршниот збор на Обвинителството за бруталните убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Обвинителката Жаклина Трајковска изјави дека делата што ги сториле обвинетите се чин на крајна суровост и претставуваат директен напад врз основните човечки вредности.


– Насилното одземање на животот, особено на дете, не е само криминално дело, туку и длабоко неморален чин кој бара најостра осуда – истакна Трајковска.


Обвинителството смета дека обвинетите, водени од алчност и желба за материјална корист, создале „морбиден план, налик на филмско сценарио“, со цел изнудување на пари преку киднапирање.


Со презентираните докази, обвинителството тврди дека е докажана вината на обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, кои се товарат за две убиства и две грабнувања, додека Александар Ѓорчевски се товари за едно дело – грабнување.


– Обвинетите не покажаа ни трошка човечност при грабнувањето на малолетната Вања, иако некои од нив самите се родители. По убиството на Панче, ниту еден не реагираше со било какво чувство на вина или сочувство – нагласи Трајковска.


Во завршниот збор, обвинителството детално ги прецизираше настаните и хронологијата на случајот. Според обвинението, грабнувањето на 14-годишната Вања било со намера да се изнудат пари од нејзиното семејство, додека Панче Жежовски бил грабнат во Велес за да им го одземе возилото „Ситроен“, со кое подоцна ја киднапирале девојчето во Скопје.


Обвинетите од почетокот на процесот негираат вина, а првообвинетиот Палевски тврди дека станува збор за политички монтиран случај.


Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември во близина на Скопје и Велес.

 
 
 

Comments


bottom of page