top of page

Извештајот на Вајц утре пред европратениците – Скопје очекува силна поддршка за македонскиот идентитет и јазик


Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент утре ќе гласа за Извештајот за напредокот на Северна Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц.

Првично, извештајот требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоци од бугарски европратеници, кои се противеле на формулациите во документот што го признаваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш изјави дека бил сведок на интензивни политички дебати, но дека целосно стои зад текстот, кој, според него, бил резултат на широк политички консензус во Европарламентот.

„Овој извештај не е наменет за решавање на билатерални спорови меѓу Бугарија и Северна Македонија. Се разбира, овие прашања постојат, но фокусот е на владеењето на правото, правата на малцинствата и европските интеграции,“ рече Вајц, предлагајќи гласањето да се одложи за 24 јуни.

Во Извештајот се нагласува важноста од одржување на кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се поздравува континуираната посветеност на земјата на усогласување со политиките на ЕУ. Се повикува на забрзување на преговорите и спроведување на уставните измени. Во текстот се содржат и неколку јасни референци што го признаваат македонскиот јазик и идентитет.

Во пресрет на гласањето, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува извештајот да биде усвоен и да испрати силна порака за поддршка на македонскиот идентитет.

„Деновиве добив загрижувачки информации за интензивни активности на некои политичари во Брисел. Сепак, со поддршка од министерот за надворешни работи, успеавме да го амортизираме обидот за нов удар врз македонскиот јазик и идентитет. Огромното мнозинство во Европарламентот ги поддржува нашите аргументи,“ рече Мицкоски.

Тој додаде дека имало обиди за дообјаснување и преформулирање на македонскиот идентитет како „модерен“ или „сегашен“, со цел да се создаде впечаток на нова нација, што според него би било сериозен удар врз кредибилитетот на Европската Унија.

„За жал, има европратеници кои поддржуваат такви ставови, но за среќа, мнозинството е на страната на вистината. Ќе продолжиме да се бориме за достоинството и иднината на Македонија,“ нагласи премиерот.

Според дневниот ред објавен на официјалната веб-страница на Европскиот парламент, седницата на Комитетот започнува утре во 9 часот, а Извештајот на Томас Вајц е прва точка на дневниот ред. Бугарски европратеници поднесоа амандмани, од кои некои дури бараат извештајот воопшто да не биде презентиран.

ree

 
 
 

Comments


bottom of page