top of page

ЕК ѝ изрече казна од речиси 400 милиони евра на Грција поради злоупотреби со земјоделските субвенции



Европската комисија ја казни Грција со 392 милиони евра за неправилности во управувањето со европските земјоделски субвенции во периодот од 2016 до 2023 година, јавува грчкиот весник „Катимерини“. Најголемиот дел од казната се должи на недоволниот надзор на поранешната Организација за исплата и контрола на европските субвенции (ОПЕКЕПЕ), која беше укината во мај годинава поради голем корупциски скандал.


Европската комисија наведува дека Грција ги прекршила правилата на Заедничката земјоделска политика, бидејќи системот за контрола и управување со субвенциите долго време не функционирал правилно. Како резултат на ова, преку „хоризонтална корекција“ бил намален износот на идните субвенции за Грција за 5 проценти, а дополнително била изречена и казна од 10 проценти за средства исплатени во 2018, 2019 и 2020 година, наменети за поддршка на млади фармери. Најголемите санкции се однесуваат на субвенциите за земјоделско земјиште во 2021 и 2022 година, во износ од 79 и 76 милиони евра.


Според грчките медиуми, казната најверојатно ќе биде покриена од државниот буџет, со цел да не се намалуваат директните плаќања до земјоделците, што би предизвикало политички незадоволства.


Во 2025 година, Грција очекуваше да добие околу 1,9 милијарди евра директни субвенции од Европската унија, но поради санкциите, овој износ ќе биде намален за речиси 400 милиони евра. Извори од земјоделскиот сектор предупредуваат дека ова е само почеток и дека се очекуваат нови казни.


Скандалот избувна откако Европското обвинителство отвори истрага против околу 100 лица во Грција, осомничени за лажни пријави за поседување и користење пасишта и земјоделски активности што не ги извршувале, со цел незаконски да добијат субвенции.


На 19 мај, грчките обвинители заедно со припадници на полицијата за борба против корупција извршија обид за претрес во седиштето на ОПЕКЕПЕ, но се соочија со отпор од вработените. По скандалот, грчката влада го разреши претседателот на агенцијата, а нејзините функции ги префрли на Независната агенција за јавни приходи.

 
 
 

Comments


bottom of page