
Главните нуклеарни локации на Иран
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 23
- 3 min read
Американски авиони изведоа, како што го опиша претседателот Доналд Трамп, „многу успешен напад“, тврдејќи дека се „целосно уништени“ клучните објекти за збогатување ураниум во Иран. Трамп нагласи дека Иран никогаш не смее да дојде во посед на нуклеарно оружје. Израел, сојузник на САД, исто така тврдеше дека неговите напади ја забавиле иранската нуклеарна програма за неколку години.
Иран, пак, упорно негира дека има амбиции за развој на нуклеарно оружје, инсистирајќи на своето легитимно право да развива мирољубива нуклеарна програма. По распадот на договорот со светските сили во 2018 година – по едностраното повлекување на САД под водство на Трамп – Иран значително го засили темпото на развој на својата нуклеарна програма.
Според последниот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) од средината на мај, Иран располага со приближно 9.247,6 килограми збогатен ураниум – дури 45 пати повеќе од лимитот утврден со договорот од 2015 година. Од таа количина, околу 408,6 килограми се збогатени до 60%, што е само еден чекор од техничкиот праг од 90% потребен за нуклеарно оружје. Теоретски, Иран веќе има материјал за приближно 10 нуклеарни боеви глави, според проценките на МААЕ.
Главни ирански нуклеарни објекти:
Натанц
Се наоѓа околу 250 километри јужно од Техеран и претставува главниот објект за збогатување ураниум во Иран. Содржи масивни подземни бункери и повеќе од 70 комплети центрифуги во два одделни објекти. Постоењето на Натанц за првпат беше откриено во 2002 година. Во април 2021 година, објектот беше оштетен во напад кој Иран го припиша на израелска саботажа. Последните израелски напади, според извештаите, го погодиле токму „срцето на програмата за збогатување“. Рафаел Гроси, директорот на МААЕ, потврди дека Натанц бил една од целите.
Фордо
Овој подземен објект е изграден во близина на светиот град Ком и беше откриен во 2009 година. Првично беше претставен како заштита од воздушни напади, но подоцна Иран потврди дека се користи за збогатување ураниум, со капацитет од околу 3.000 центрифуги. Во 2023 година, во Фордо беа детектирани честички ураниум збогатен до 83,7%, што Иран го објасни како „ненамерна флуктуација“ во процесот. Претседателот Трамп го нарече објектот „одлична локација“.
Исфахан
Во централниот дел на Иран, објектот во Исфахан е важен центар за преработка на ураниум. Таму суровиот ураниум се претвора во гасовидна форма (UF6), што се користи во центрифугите. Во комплексот се наоѓа и постројка за производство на нуклеарно гориво, отворена во 2009 година. Во јули 2022 година, Иран најави изградба на нов истражувачки реактор на оваа локација. На 13 јуни, израелски напади оштетија четири објекти, меѓу кои и фабрика за преработка на ураниум.
Арак
Во Арак (област Хондаб), Иран започна изградба на истражувачки реактор на тешка вода во 2000-тите. Реакторот официјално е наменет за медицински истражувања, но плутониумот што може да се добие од него има и потенцијални воени примени. Договорот од 2015 година ја прекина изградбата, но Иран најави дека има намера реакторот да биде функционален до 2026 година.
Техеран
Техеранскиот нуклеарен истражувачки центар содржи истражувачки реактор набавен од САД во 1967 година, кој сè уште се користи за производство на медицински радиоизотопи.
Бушер
Сместена на југот, во пристанишниот град Бушер, оваа централа е единствената оперативна нуклеарна електрана во Иран. Првично започната од германска компанија, проектот беше замрзнат по Исламската револуција. Подоцна, Русија ја заврши изградбата и во 2012 година централата беше поврзана со националната електрична мрежа. Русија продолжува да обезбедува гориво за објектот, кој е под надзор на МААЕ.
Дарховин
Во 2022 година, Иран започна изградба на нова нуклеарна електрана со капацитет од 300 мегавати во Дарховин, на југозападот на земјата.
Сирик
Во почетокот на 2024 година, Иран започна работа на нов комплекс со четири електрани во Сирик, во Ормускиот теснец, со вкупен капацитет од 5.000 мегавати.
Comments