
Велибор Манев пред судот: „Испаднав наивна будала, си го уништив животот“
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 20
- 2 min read
Обвинетиот Велибор Манев, кој е опфатен во случајот за киднапирањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд го даде својот завршен збор. Тој негира дека учествувал во убиствата, но призна дека бил дел од одредени настани, тврдејќи дека бил манипулиран и уценет од Љупчо Палевски.
„Од почеток одлучив да ја кажувам вистината, без разлика на казната. Не негирав ниту една снимка, потврдував присуство и објаснував детали за да добие судот јасна слика,“ изјави Манев.
Според него, Обвинителството настојува да го прикаже како дел од организиран план за убиство, што тој категорично го негира. Повторно нагласи дека не знаел оти Палевски имал намера да убива и дека, доколку знаел, немало да учествува во копање на три метри длабока земуница.
„Не би направил нешто што личи на таен бункер ако знаев што ќе следи. За мене, тоа беше операција за грабнување и изнуда пари од ќерка на фармацевт, како што тврдеше Палевски,“ рече Манев.
Тој истакна дека немал директен контакт со лицето Сашо, и дека сè што се поврзува со него произлегува од принуда и манипулација. За самите убиства рече дека тој и останатите обвинети биле во шок, откако, според него, Палевски ги извршил ладнокрвно и без најава.
„После убиствата ја чував снимката од мојот ресивер. Можев да ја избришам или да ги исклучам камерите, но тоа ќе беше како да му давам алиби,“ рече тој.
Манев тврдеше и дека бил уценуван и заплашуван со животот на своето семејство. Посочи дека по бегството на Палевски од државата, добил наредба да пренесе или уништи ранец (т.н. „плавиот ранец“) за кој се претпоставува дека содржел оружје. Во таа насока го спомена и Зоран Давитков, вработен во Народната банка и член на политичката партија Десна.
„Бев само алатка – шест години го поддржував, му ја давав душата, го вадев од затвор, трчав по адвокати. На крај ме стави во оваа ситуација – за нешто што никогаш не сум го ни помислувал,“ рече Манев.
Своето излагање го заврши со каење и изрази срам и душевна болка:
„Испаднав наивна будала која си го уништи животот. Загубив пријатели, доверба и себе си. Простете ми,“ порача Манев, очекувајќи ја пресудата.
Comments