top of page

Бизнисот потсетува: Властите ветиле поголем приоритет за економските политики



Од Стопанската комора порачуваат дека е време властите да ја исполнат својата обврска за поголема приоритетност на економските политики. Тие нагласуваат дека е неопходно да се создаде систем на образование кој ќе ги следи потребите на бизнисот, да се обезбеди конкретна поддршка за извозот преку директни мерки финансирани од државниот буџет, како и да се унапреди регионалната соработка како клучен чекор за забрзување на интеграцијата во ЕУ.


Во своите барања, Стопанската комора го истакнува и значењето на борбата против корупцијата и сивата економија, забрзувањето на гасификацијата, како и регулирањето на односите меѓу државата и приватниот сектор на начин што ќе го штити бизнисот и ќе придонесе за општото добро.


Стопанствениците ги потсетуваат властите на ветувањата дадени во периодот кога беа во опозиција, но признаваат дека не е реално да се очекува целосна имплементација на сите мерки, поради бројните обврски што Владата ги има кон граѓаните и меѓународната заедница. Од Комората додаваат дека ја поддржуваат секоја иницијатива која е во интерес на државата, но повторно ја потенцираат потребата од дијалог и консензус со сите чинители – опозиција, бизнис заедница, трипартитен дијалог, научни и невладини организации.


„Во изминатата година направивме значителен напредок во воспоставување комуникација и доверба, но сакаме клучните одлуки за економски просперитет да се носат во консензус со сите релевантни чинители. Владата веќе има поставено сериозна рамка за инвестициски активности и работи на поголема вклученост на домашните компании во меѓународните проекти“, велат од Стопанската комора.


И покрај напредокот, од Комората посочуваат дека проблемите во однесувањето на јавната администрација сè уште се присутни, додека притисоци и закани кои би влијаеле на исполнување на целите засега нема. Текстилниот сектор и понатаму се соочува со најголеми предизвици, како и компаниите кои веќе подолг период се борат со последиците од континуираните кризи.


„За да ја унапредиме заедничката економска политика, формираме тим кој ќе им помага на компаниите и на државата да ги оствари зацртаните цели. По конституирањето на Собранието и Управниот одбор, наскоро ќе бидат избрани и подпретседатели на Комората, со што ќе се заокружи структурата на управување“, додаваат од Комората.


Со 103 години искуство и солидна кадровска база, Стопанската комора е подготвена да се соочи со предизвиците што ги чекаат приватниот сектор. Потенцираат дека ја даваат својата поддршка за Премиерот Мицкоски да продолжи со имплементацијата на економските мерки, со цел зголемување на БДП, профитабилноста на компаниите и отворање нови работни места, што ќе го запре одливот на мозоци и ќе ја постави земјата на вистинскиот пат.


Од друга страна, властите истакнуваат дека посветено работат на подобрување на економските текови во државата, а тоа го потврдува растот на БДП од над три проценти. Според нив, Македонија е на листата на држави атрактивни за инвестиции од страна на големите меѓународни корпорации, а домашниот бизнис доби значајна поддршка преку евтини кредити од Унгарија.

 
 
 

Comments


bottom of page