Бизнис-секторот бара враќање на уплатениот солидарен данок: „Време е за правна и фискална предвидливост“
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 19, 2025
- 1 min read

Се засилуваат барањата од бизнис-заедницата за враќање на еднократниот солидарен данок, кој компаниите го платија за екстра-профитот остварен за време на пандемијата. Иако многумина од нив веќе уплатија милионски суми, по одлуката на Уставниот суд која го прогласи данокот за неуставен, тие сега бараат средствата да им бидат вратени.
Станува збор за околу 50 милиони евра што државата треба да им ги рефундира на компаниите, но засега од Владата нема конкретна најава за итно исплаќање. Министерството за финансии соопшти дека обврската ќе се сервисира во рок од пет години, додавајќи дека ќе се разгледува и можноста за пребивање на долговите.
Бизнис-секторот, пак, остро реагира и порачува дека вакви ситуации не смеат да се повторуваат. Од Стопанската комора нагласуваат дека непредвидливи и ад-хок одлуки, како оваа, го разнишуваат деловното опкружување и ја намалуваат довербата на инвеститорите.
„Не може да се гради стабилна економија ако се менуваат правилата преку ноќ. Потребен е систем и континуитет, а не закони што се носат по скратена постапка и без анализа. Бизнисот бара решенија што се добри и за компаниите, и за граѓаните“, се вели во реакцијата на Комората.
Иако властите укажуваат на буџетски ограничувања, компаниите предупредуваат дека повратот на овие средства би можел да биде силен импулс за нови инвестиции и економски раст. Има и сомнежи дека дел од бизнис-заедницата се надева да искористи и дел од најавената британска финансиска поддршка од шест милијарди евра, како компензација.
Во меѓувреме, останува отворено прашањето: кога и како бизнисот ќе ги добие назад своите пари – и дали ова ќе биде преседан што ќе го одреди односот меѓу приватниот сектор и државата во иднина.




Comments