
„Ниту една казна нема да биде доволна“ – Обвинителството бара доживотен затвор за убијците на Вања и Панче
- ТВ КАНАЛ ВИС null
- Jun 11, 2025
- 1 min read
Обвинителката Ана Стоилковиќ Димитровска денес ги даде завршните зборови во судскиот процес за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таа побара доживотна затворска казна за обвинетите: Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.
„Ниту една казна нема да биде доволна за болката на семејствата на жртвите“, истакна обвинителката Димитровска.
Во своето излагање, таа детално објасни зошто обвинителството бара максимална казна:
„Обвинетите ја слушаат Вања додека се обидува да се спаси, им кажува каде може да се најдат парите, а потоа со еден куршум ја остваруваат својата цел. Двете убиства се тешки кривични дела, со предвидена казна од најмалку 10 години, до доживотен затвор. Но, со оглед на бруталноста и решителноста со која биле извршени, Судот треба да ја земе предвид тежината и начинот на делото. Олеснителни околности нема.“
Таа додаде дека сите обвинети се родители или воспитувачи, а токму тие, според неа, извршиле дело кое го погодува најсветото – животот на едно дете.
„Затоа, Обвинителството бара сите четворица да бидат прогласени за виновни и да им се изрече казна доживотен затвор“, заврши Димитровска.
Обвинителството претходно искажа и сомнеж дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, можеби бил вмешан во планот за грабнување на својата ќерка, но засега тој формално не е обвинет.




Comments